Анализа на финансирањето на судовите во Македонија

Категории

Анализа на финансирањето на судовите во Македонија

Здружението на финансиски работници на локалната самоуправа и јавните претпријатија презентираше „Извештај за утврдени состојби, практики и препораки за подобро финансирање на судовите во Република Македонија - втора анализа“, како дел од проектот Мрежа 23+. Анализата се осврнува на постојните состојби во врска со финансирањето на судската власт и дава препораки за подобрување на тие состојби. Во продолжение се дел од наодите од анализата.

Не се почитува законскиот минимум за финансирање на судовите 
Законот за судски буџет е значаен инструмент кој треба да обезбеди независност на судската од извршната власт. Со Законот за судскиот буџет е уредено дека, почнувајќи од 01.01.2012 година средствата за судската власт е потребно да се утврдуваат во висина од, најмалку, 0,5% од бруто домашниот производ на РМ, а заклучно со 2015 година тие да достигнат 0,8% од БДП.

Сепак, забележливо е дека средствата што се наменети за судската власт како процент од БДП, почнувајќи од 2010 година па заклучно со 2017 година бележат постојан пад (во 2010 нивото на издвоени средства изнесува 0,390%, а во 2017 година издвоениот износ изнесува 0,289%) и покрај тоа што, споредено во апсолутни износи, издвоените средства бележат континуирано зголемување.

Анализата покажува дека идеален судски буџет во моментот би бил тој што ќе изнесува не помалку од 0,5% од БДП.

Недостаток од административни работници во судовите
Според добиените податоци и информации од Судскиот буџетски совет (СБС) и од судовите, може да се заклучи дека е голем бројот на судии. Тоа, особено, се однесува на бројноста на судии во некои основни судови во внатрешноста на земјата каде е воочлива несразмерноста на бројот на предмети со бројот на судии. Меѓутоа, на другата страна е проблемот на недоволен број административни работници (стручни соработници) кои би требало да преземат одреден дел од работата на судиите (на пример, пишување на пресудите, водење разни евиденции и сл.).

Во таква ситуација, препорачливо е секогаш каде што тоа е можно, судиите кои го напуштиле судот од разни причини, да се заменуваат со нови судии во помал број од претходно присутниот, а за возврат и во рамки на ослободената финансиска рамка за плати, да се ангажираат потребен број и вид на административни службеници.

Детални наоди и препораки можете да ги најдете во целосната анализа, прикачена подолу.
 
Истражувањето е направено како дел од проектот Мрежа 23+, финансиран од Европската унија.

 

Документи за преземање

 [ЗФР] Извештај за утврдени состојби, практики и препораки за подобро финансирање на судовите во Република Македонија - втора анализа

Галерија