Потребна е рамнотежа помеѓу приватноста и потребата за следење на комуникациите [истражување]

Категории

Потребна е рамнотежа помеѓу приватноста и потребата за следење на комуникациите [истражување]

Објавувањето на политичките „бомби“ во 2015 година укажаа на нелегално следење на телефонските комуникации на политичките и бизнис елити, медиумите и граѓанските активисти. По втор пат од независноста на Македонија беше откриенонелегално масовно прислушување што ја нарушило приватноста, заштитата на личните податоци и слободата на изразување. Ваквите скандали покажуваат сериозни злоупотреби на државниот систем за следење на комуникациите, поконкретно, опремата и персоналот на Управата за безбедност и контраразузнавање.

Бидејќи Република Македонија сè уште нема преземено соодветни мерки со цел да спречи идни злоупотреби на системите за следење на комуникацијата, здружението Женска акција создаде студија за јавна политика, која дава преглед на состојбата и предлага соодветни мерки за спречување на злоупотребите. 

Дел од препораките се:
  • Да се преиспита оправданоста да се дозволува следење на комуникациите за толку широк опсег на кривични дела, врз основа на проценка дали нарушувањето на приватноста е пропорционално на тежината на кривичното дело за коешто станува збор и доказите што се очекува да се соберат со посебните истражни мерки, односно следењето комуникации.
  • Да се оневозможи директниот пристап до содржината на комуникациите од страна на службите, односно надлежните органи претходно да треба да го известат операторот и да достават судски налог за следење, а потоа операторот да го овозможи пристапот до комуникациите на опфатените лица.
  • Да се воведе уште една страна во постапката на одобрување на следењето комуникации што ќе ги застапува интересите на лицата чии комуникации се предлага да се следат (на пр. панел на експерти, претставник на Дирекцијата за заштита на личните податоци или Народниот правобранител).
  • Законски да се раздвојат надлежноста и прописите за следење на комуникациите при кривичните истраги, од оние од безбедносен и разузнавачки карактер.
  • Да се воведе и граѓанска комисија за надзор над следењето на комуникациите, којашто ќе ја именува Собранието од експерти и претставници на граѓанското општество.
На презентацијата на истражувањето кое се одржа на 28 септември, учествуваше и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој се заложи дека ќе ги вклучи препораките во законските измени за следење на комуникациите.

Сите препораки можете да ги најдете во целосната студија за јавна политика „Кон граѓански паноптикон - Подобра рамнотежа меѓу заштитата на приватноста и потребата од следење на комуникациите“. Документот можете да го симнете на линкот подолу.

Документот е изработен како дел од проектот Мрежа 23+, финансиран од Европската унија.

Документи за преземање

 Кон граѓански паноптикон - рамнотежа помеѓу приватноста и потребата за следење на комуникациите

Галерија