ПАКТИС: Законот за одмерување на казната го наруши слободното судиско убедување

Категории

ПАКТИС: Законот за одмерување на казната го наруши слободното судиско убедување

Здружението ПАКТИС ја објави анализата на Законот за одмерување на видот и одмерување на висината на казната. Според анализата на Законот, се констатира дека неговата примената доведува до рушење на целокупниот досегашен казнено-правен систем.

„Законот во целост го повредува начелато на индивидуализација на казната. Со постоење на законски објективни критериуми, дадени хоризонтални и вертикални категории, судијата не може да одреди вид на санкција и да одмери казна за која што смета дека е соодветна за сторителот на кривичното дело и која ќе ја задоволува правдата и целите на казнувањето.“ - се вели во анализата на ПАКТИС.

Во истражувањето се анализирани повеќе судски пресуди, а се вклучени и ставовите на судиите, обвинителите и адвокатите од Прилеп, Битола и Охрид, кои биле испитувани преку прашалници.

Во прилог се дел од заклучоците на анализата:
  • Oвој закон во целост го повредува правото на судијата загарантирано со закон да одлучува по слободно судиско убедување.
  • Може да се констатира дека целта заради која што беше донесен воедначување на казнената политика требаше да биде остварена во рамки на судската власт поточно Врховниот суд кој што ќе заземеше ставови и мислења во поглед на казненоправната материја.
  • Во никој случај не може одмерувањето на казната да спаѓа во рамки на законодавната власт и таа преку донесување на закон да поставува фиксни граници кои што судијата треба само да ги примени. Дотолку повеќе, и самото формирање и дејствување на Комисијата за воедначување на казнената политика чии членови ги избира Собранието на Р. Македонија која што ќе ја следи казнената политика на судовите, што е апсурдно постоење на вакво тело при строга поделба на власта согласно Уставот.
  • Овој закон ја доведува во прашање и улогата на судијата при правораздавањето, ставајќи го судијата во позиција само да го изречи она што во табелите и работните листови прилог на законот е предвидено.
  • Доследната примена на законот доведува до нелогични исходи во процесот на правораздавањето во смисла на досудување на потешки казни за полесни кривични дела и обратно.
  • Не се постигнува основната цел воедначување на казнената политика.
  • Овој закон особено е на штета на сторителите на полесни кривични дела кои што се повеќе пати осудувани, и не го решава проблемот на ресоцијализација на овие сторители, кои наместо да се одвратат од ситниот криминал истите се осудуваат на три, четири години затвор каде што постои голема веројатност од ,,затворска инфекција”.
  • Законот ги поттикнува признавањето вина, со оглед дека во практиката на сторителите на потешки кривични дела им се изрекуваат помали ефективни казни затвор затоа што тие поучени признаваат вина и се спогодуваат со јавниот обвинител за висината на казната.
Инаку, Уставниот суд го укина овој закон на 16 ноември 2017 година, постапувајќи по иницијатива на адвокатот Христијан Георгиевски.

Анализата на Здружението ПАКТИС е изработена како дел од проектот „Мрежа 23+“, кој е финансиран од Европската Унија.
 

Документи за преземање

 ПАКТИС: Анализа на Законот за одмерување на видот и висината на казната

Галерија