Соопштение на Мрежа 23 за реформите во следењето на комуникациите

Категории

Соопштение на Мрежа 23 за реформите во следењето на комуникациите

Соопштение за јавност

Како мрежа на граѓански организации кои се посветени на зачувување и промоција на демократските вредности, владеењето на правото и заштита на човековите права, „Мрежа 23“ изразува загриженост во врска со начинот на кој се спроведува реформата на системот за следење на комуникациите.

Здруженијата на граѓани кои работат во оваа област не беа вклучени во работната група која ги подготви новите законски решенија. Реформскиот модел, што предвиде формирање нова државна агенција – ОТА, беше избран без јавна дебата, а притоа не одговара целосно на препораките на ЕУ од Итните реформски приоритети. Дополнително, загрижува што финалните верзии на законите кои Владата ги предложи во Собранието имаат суштински промени во споредба со нацрт-текстовите на кои јавноста беше повикана да дава коментари. Притоа, голем дел од таквите измени не произлегуваат од забелешките кои до Владата ги упатија граѓаните. Додадени се цели членови во законите со кои се настојува да се озакони технологија за следење комуникации без посредство на операторите (и новата агенција ОТА), односно уреди кои го ловат сигналот на сите мобилни комуникации во одреден радиус. Притоа, не се дефинирани законски мерки кои ќе обезбедат соодветен надзор и контрола над користењето на ваквите технологии, ниту пак е направена проценка на влијанието што овие уреди ќе го имаат врз правото на приватност на граѓаните. Со воведувањето на овие нови технологии и на новата државна агенција (ОТА) во законите, и онака скапиот систем за следење на комуникациите ќе стане уште поскап.

Опфатот на кривични дела за кои е предвидено следење комуникации во новите верзии на предлог законите е проширен наместо стеснет. Предвидено е да се следат комуникациите не само на лица кои се осомничени за подготовка или извршување кривични дела, туку и на членови на нивните семејства, „други блиски лица“ и други лица „кои на било кој начин се во комуникација со нив“. Ваквиот широк опфат на следење комуникации не соодветствува на меѓународното право во оваа сфера и создава дополнителен ризик за злоупотреби.
Загрижува и тоа што новите законски одредби не го отстрануваат директниот пристап на државните органи до содржината на електронските комуникации на секој граѓанин на Република Македонија, како и задржувањето податоци за комуникацискиот сообраќај на сите граѓани, односно со кого, кога и од која локација сме комуницирале. Ваквите одредби се спротивни на Уставот, кој во член 17 ја гарантира слободата и тајноста на писмата и на сите други облици на комуникации.

Иако реформите на следењето на комуникациите ни се поставени како услов од Европската унија, новите законски текстови не се усогласени со правото на Унијата, а особено со Директивата 2016/680 за обработка на лични податоци во полицијата и кривичното право и Општата регулатива за заштита на податоците 2016/679. Реформата не е во согласност и со пресудата на Европскиот суд на правдата (здружени предмети C-293/12 и C-594/12 од 2014 г.) која ја поништи директивата на Европската унија што налагаше собирање податоци за локацијата на сите граѓани, туку воведува уште поинвазивни мерки по приватноста. Така, предвидените измени предвидуваат обврска операторите да зачувуваат податоци за географската локација на сите корисници дури и во моментите кога немаме комуникациска активност на нашите мобилни телефони. Тоа значи дека на барање на државните органи, и без судска наредба, операторите ќе бидат обврзани да достават информација каде сме биле и каде сме се движеле во секоја секунда, што е недозволиво во едно демократско општество и го нарушува основното човеково право на приватен живот.

Во законските текстови упатени до Собранието, Владата без објаснување ја има избришано одредбата со која требаше да ѝ се овозможи на собраниската надзорна комисија да ги повикува раководителите на овластените органи за следење на комуникациите, ОТА и операторите заради утврдување на законитоста на нивните активности.

Во испратените коментари до Владата, организациите членки на „Мрежа 23“ ги посочија и сите други детектирани предизвици и проблеми во законите кои ја регулираат оваа област, но само мал дел од нив беа вградени во законските предлози. Оттука, апелираме Собранието детално да ги разгледа забелешките на граѓанските организации во врска со предложените реформи, пратениците да интервенираат амандмански во предлог законите, а по потреба да пристапат и кон изработка на целосно нови законски предлози кои ќе бидат усогласени со правото на Европската унија. Притоа нагласуваме дека е недозволиво законските решенија да поминат во Собранието без за нив да се расправа во собраниската комисија за надзор над следењето на комуникациите.

По сите скандали кои во континуитет ја потресуваа државата од нејзината независност, ја нагласуваме потребата за сеопфатни и суштински реформи што ќе овозможат враќање на довербата на граѓаните во институциите и заштита на нивната приватност, а во согласност со деталните насоки од Европската унија.

Документи за преземање

 Став на Мрежа 23 за реформите во следењето на комуникациите