Завршна конференција: „Поглавје 23: Македонското сидро или едро?“

Категории

Завршна конференција: „Поглавје 23: Македонското сидро или едро?“

Завршната конференција „ Поглавје 23: Македонското сидро или едро?“ се одржа на 23 мај 2019 година, во  Хотел Арка – Скопје. Оваа конференција беше организирана во рамки на проектот „Мрежа 23  - Вмрежување за влијание (NETWIT 23)“, имплементиран од Институтот за европска политика – Скопје и Хелсиншкиот комитет за човекови права, а е финансиран од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и Балканскиот фонд за демократија.

Прва сесија „До каде сме на патот кон ЕУ со исполнување на одредниците во Поглавјето 23?“

На првата сесија насловена како „До каде сме на патот кон ЕУ со исполнување на одредниците во Поглавјето 23?“ клучни говорници беа министерката за правда Рената Дескоска, шефот на техничкиот преговарачки тим Бојан Маричиќ и претседател на Национален совет за евроинтеграции во Собранието на РСМ Никола Попоски. На почеток на конференцијата директорката на Институтот за европска политика ја отвори конференцијата, на крајот од првиот панел Александар Јованоски од Хелсиншкиот комитет ги прикажа клучните резултати на проектот, како и работата на Мрежата 23.

Министерката за правда Рената Дескоска нагласи дека реформските процеси кои се одвиваа во нашата држава во изминатиот период, се позитивно оценети од страна на Европската комисија. Како координатор на Поглавјето 23 Министерството за правда во изминатиот период целосно беше посветено на реализација на приоритетите во ова поглавје, кои се утврдени во клучните документи на Европската Унија, пред се Извештајот за напредокот на нашата држава, но и препораките дадени во експертските извештаи на оценските мисии. Министерката ја потенцираше важноста на министерските форуми за правда и внатрешни работи на Европската Унија – Западен Балкан, на кои заеднички со друите земји од Западен Балкан се обрзуваат да испорачаат видливи правосудни реформи. Во однос на реформските процеси, г-а Дескоска потенцираше дека сите приоритети кои земјата треба да ги испорача во ова поглавје се преточени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017 – 2022 година, како и во Планот 18. Од клучна важност за реформите во правосудството е и Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, кој покрај тоа што го следи спроведувањето на Стратегијата, на истиот тој Совет се разгледуваат и клучните закони во објаста на правосудството. Во март 2019 година е усвоена ИКТ Стратегија во правосудсвото, кој е комплементарна со Планот и со Стратегијата во правосудството. Министерката потенцираше дека во изминатиот период е работено на усогласување на правната рамка со стандардите во правосудството. Како позитивен пример на усогласеност со европските стандарди, Министерката го наведе Законот за судовите. Измените во овој закон имаат за цел да го зајакнат квалитетот на судството, воведување на објективни критериуми за одговорност на судиите со цел да се оневозможат било какви притисоци врз судиите. За да се спречи корпоративизам во судската сфера, во новиот Закон за Судски совет има воспоставени механизми за одговорност на Судскиот совет доколку не ја врши својата работа. Од почетокот на 2019 година е формирана Комисија за надозор на АКМИС. Надзорот е завршен во шест судови. Министерката истакна дека спроведениот надзор не укажува на злоупотреби. Како позитивен пример во делот на реформите Министерката го наведе и Законот за бесплатна правна помош, Законот за управните спорови со кој меѓудругото е воведена и јавната расправа, како и задолжителното мериторно одлучување со кој ќе се избегне пинг-понг ефектот. Академијата за судии и јавни обвинители работи законски, односно избран е легитимен директор на оваа институција. Во делот на други измени на законската рамка, направени се измени и на Законот за извршување со кој се намалени извршителските трошоци. Министерката нагласи дека искрената и добра волја во креирањето на законската рамка од страна на Министерството за правда се гледа и со донесувањето на новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси, како и во изборот на самата комисија.
 

„Се надеваме дека реформските процеси во делот на Поглавјето 23 ќе бидат позитивно оценети и во новиот извештај на Евроспката Комисија и ќе добиеме датум за почеток на преговори“ – потенцираше министерката Дескоска.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции - Никола Попоски нагласи дека процесот на преговори е процес во кој всушност нашата држава треба да ги исполни критериумите и зададените одредници од страна на Евроспката Унија. Единствено нешто во за кое може да преговарате е времето потребно за исполнување на овие одредници. Поповски најнапред се осврна на процесот на пристапување. Во овој процес најдобро е да се учи од грешките на другите. Само кредебилна преспектива и членство во ЕУ може да ви помогне да надминете некој проблем. Денес изговорите во однос на проширувањето е самиот процес на внатрешно реформирање на Унијата. Попоски нагласи дека се потребни реформи во рамки на Унијата но тоа не треба да го кочи процесот на пристапување како нашата држава, која овој процес го започнала години наназад.

Во однос на реформските процеси, „Кај нас реформите се сведуваат на печатење на закони. Треба да сфатиме дека имаме проблем во имплементацијата.“ – потенцираше Поповски. Во оваа насока нагласи дека треба да сфатиме дека со печатење само на закони за да ги исполниме одредниците, ќе ни попречи да сфатиме што навистина е потребно. Во просек од дванаесет години во еден закон имаме пет до шест интервенции, ова создава правна непредвидливост. Со редовно гласање на законите под временски притисок се доаѓа до намалување на самиот квалитет на решенијата во законите. Најважно во делот на патот кон ЕУ е подобрување на економијата и инвестирање ви човечки капитал.

 

Според шефот на техничкиот преговарачки тим - Бојан Маричиќ, Поглавјето 23 во процесот на пристапување секогаш е едро кое не води, бидејќи со него почнуваат и завршуваат преговорите за пристапување.  Заклучоците на Европскиот совет од јуни 2018 година ги дадоа приоритетите што треба да направи нашата држава. „После една година имаме сработено многу повеќе од само печатење на закони.“ – потенцираше Маричиќ. Како пример Маричиќ ги наведе реформите кои се однесуваат на Судскиот совет, работата на Државната Комисија за спречување на корупција, како и реформите во резознавачките служби. Сите реформски закони се носат во Собранието со дијалог меѓу Власта и опозицијата. Следува поинтензивна реформа на јавната администрација, која е важен сегмент во процесот на преговори. Објаснувачките технечки скрининзи за поглавјата се очекуваат да завршат во октомври 2019 година. Според Маричиќ, во однос на Поглавјата 23 и 24 нашите институции се добро подготвени за отпочнување на преговори.

ЗАКЛУЧНИ СОГЛЕДУВАЊА:

Фокусот треба да биде ставен на доследна имплементација на законските решенија беше заклучок кој го потенцираа сите говорници. Во оваа насока г. Попоски нагласи дека потребно е да се менуваат законите само доколку има потреба. Потребно е јакнење на човечките капацитети. Во однос на Собранието, неговата улога треба понатаму да ги идентификува клучните слабости да дава препораки и фокусот треба да биде ставен на постигнување резултати. Министерката нагласи дека голем дел од препораките дадени во меѓународните извештаи се за прв пат имплементирани во законските решенија, пред се препораките дадени од Венецијанската комисија и извештаите на Прибе, со што се овозможува една стабилна правна рамка. Понатаму сите чинители треба доследно да ги спроведуваат законските решенија.

Потребно е учење од грешките од минатото, пред се во однос на исполнување на одредници и без суштински реформи, кои на крај на ден се важни за нашата држава.  Во процесот на пристапување неопходно е да учиме од грешките на другите држави кои се битни за европската иднина на нашата држава.

Донесувањето на предлог – законот за јавно обвинителство е клучен реформски закон од која во голема мера зависи одлуката на Советот за отпочнување на датум за преговори.

Во однос на процесот на пристапување, пред се во однос на процесот на преговори, јавната администрација ја има главната улога. Неопходна е и експертска помош и соработка со граѓанските организации. Извештаите во сенка за Поглавје 23, играат голема улога во овој процес бидејќи даваат објективна оцена на состојбите.

Втора сесија „Реформските процеси во делот на правосудството, борбата против корупцијата и фундаменталните права“

Втората сесија насловена „Реформските процеси во делот на правосудството, борбата против корупцијата и фундаменталните права“ беше модерирана од Ардита Абази Имери, проектна координаторка на Институтот за европска политика, додека говорници на оваа сесија беа Џемали Саити, судија во Врховен суд и претседател на Здружение на судии, Фросина Тасевска, Раководител на Сектор за ЕУ во Министерството за правда, Владимир Ѓоргиев, член на Државна комисија за спречување на корупција, Зоран Билбилоски, државен советник во канцеларијата на Народниот правобранител.

Во оваа сесија секои од говорниците се осврнаа на реформските процеси и на придонесот на нивните институции/организации чии претставници се. Судијата Саити најнапред се осврна на реформите во правосудството, како врвен приоритет и потреба. Процесот на донесување на Стратегијата за реформа во правосудниот сектор беше инклузивен. Сега сме во една фаза на верификација дали овие реформски процеси ги задоволуват нашите потреби, како и приоритетите во Поглавје 23.

Здружението на судии беше вклучен во овој процес како и во понатамошните процеси кои се однесуваат на правосудството. Врз основа на Стратегијата, Владата пристапи кон менување на суштинските системски закони во областа на правосудството – Законот за судови и Законот за судскиот совет, менување на други закони од материјална и процесна природа. Покрај тоа што се одеше кон менување на законските решенија, сепак овие закони претрпуваа доста измени во собраниска процедура од нивната првична верзија подготвена од работните групи и стручните тимови во работните групи. Здружението на судии излезе со заклучок, кој е објавен на веб страната на Здружението, дека иако е направен напредок, стручната фела не е целосно задоволна од реформските процеси.  Судијата Саити нагласи дека отстапувањето од Стратегијата за реформа на правосудниот сектор за дел од реформските процеси, фрлила дамка на самиот реформски процес.  Отстапувањата се највеќе во однос на решенијата на Судскиот совет, односно Судскиот совет остана да биде професионален орган. Недостасува соодветна имплементација на законските решенија во областа на правосудството. Потребно е зголемување на платите на судиите и јакнење на интегритетот на судиите, како клучни елементи за јакнење на независноста на судството. Позитивно е дека е во изминатиот период судството во голема мера е ослободено од политички притисок. Ветингот во судството во Република Северна Македонија не е соодветно решение, потребно е судиите да пристапат кон самоевалуација. Судско медиумскиот совет, тело кое е формирано од Здружението на судии ќе биде клучно во евроинтегративниот процес, со оглед на фактот дека ова тело функционира и дава конкретни препораки во делот на правосудството.
 

Фросина Тасевска нагласи дека Стратегијата за реформа на правосудниот сектор и измените закони во делот на правосудството беа неопходно потребни. Оваа стратегија беше донесена на еден инклузивен начин и во консултации со Европската комисија. Следно што е потребно е да се следи имплементацијата на Стратегијата, како и на самите законски решенија. „Министерството за правда моментално подготвува еден сет на индикатори кои што треба да ја следат практичната примена на законитеГраѓанските организации треба да помогнат во процесот на пристапување, пред се во однос на градење и јакнење на капацитетите на институциите. Потребни се зголемени обуки во однос на јавно – обвинителската служба. Потребна ни е длабинска анализа за да отпочнеме со билатералниот скрининг.“ – нагласи Тасевска.

Членот на ДКСК, Владимир Ѓорѓиев нагласи дека од клучно значење за работата на институциите се и нивните можности и капацитети. Односно на институциите, пред се на институциите кои се борат со сузбивање на корупција потребно е пред се да им се обезбеди политичка независност, да се обезбеди функционална независност и финансиска независност.  ДКСК во последната година доби голем број на претставки од граѓаните, што укажува на незадоволителното работење на институциите во изминатиот период. Ѓорѓиев се осврна и на зголемените надлежности на ДКСК со новиот закон и нагласи дека во оваа насока потребно зголемување и на буџетот и на ресурсите кои и стојат на располагање на ДКСК. Потребно е поврзување на ДКСК со дата базите на другите институции.

Зоран Билбилоски, државен советник во канцеларијата на Народниот Правобранител нагласи дека е потребно зголемување на независноста на судството. Билбилоски укажа дека најголема недоверба од страна на граѓаните има во судската власт. На ваквиот факт укажува и статистиката, односно бројот на овие претставки од страна на граѓаните е двојно зголемен. Дополнително, претставките се однесуваат на состојби кои долго време се повторуваат како што се долгото траење на постапките, дополнително претпоставка на граѓаните е дека судските одлуки се донесуваат пристрасно, како и за неносење на мериторни одлуки од страна на Управниот суд и враќање на предметите. Билбилоски се осврна и на новата надлежност на Народниот правобранител, да дејствува како пријател на судот, со овластување да ја мониторира судската власт, со право да биде информиран за судските рочишта, да може да има увид во списите и активно да може да учествува со давање на свои предлози и мислења. Тој нагласи дека оваа надлежност носи придобивки и за двете страни, односно ќе придонесе за поголема сигурност на граѓаните, но и за зајакнување на судските органи во правораздавањето.

ЗАКЛУЧНИ СОГЛЕДУВАЊА:

Доследната имплементација на законите во областа на правосудството беше потенцирана од страна на сите говорници. Судијата Саити нагласи дека недостасува соодветна имплементација на законските решенија во областа на правосудството. Дополнително потребно е спроведување на судските реформи онака како што се предвидени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор. Министерството за правда моментално подготвува еден сет на индикатори кои што треба да ја следат практичната примена на законите.

Потребно е зајакнување на независноста на судството. Потребно е зголемување на платите на судиите и јакнење на интегритетот на судиите, како клучни елементи за јакнење на независноста на судството. Најголемиот број на претставки упатени до народниот правобранител се однесуваат токму на работата на правосудните органи.

Јакнење на капацитетите на инстутуциите во процесот на пристапување е од клучно значење. Граѓанските организации треба да помогнат во однос на градење и јакнење на капацитетите на институциите.

Институциите кои се борат со сузбивање на корупција пред се потребно е да им се обезбеди политичка независност, да се обезбеди функционална независност и финансиска независност.  Потребно е зголемување и на буџетот и на ресурсите кои и стојат на располагање на ДКСК и поврзување на ДКСК со дата базите на другите институции.

Галерија