Добиена препорака, но претстои многу работа во Поглавјето 23

Категории

Добиена препорака, но претстои многу работа во Поглавјето 23

Мрежа 23 денеска организираше експертска работилница по повод Извештајот на Европската комисија за Република Македонија.

Генералниот заклучок од дискусијата е во насока дека Извештајот на ЕК ја отсликува реалната состојба во Република Македонија. Значителен напредок е направен во политичките критериуми и Поглавјето 23 во споредба со претходниот Извештај од ноември 2016 година, кога Македонија беше опишана како заробена држава.  Поздравено е носењето на Стратегијата за реформа во правосудниот сектор, но останува да се види реализацијата на насоките кои се утврдени во Стратегијата, преку носење на посебните законските решенија и нивната имплементација.

Воведен говор во дискусијата дадоа Ардита Абази Имери од ЕПИ, Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл Македонија, Натали Петровска од Коалицијата Сите за правично судење, Мирослав Драганов од Институтот за човекови права и Александар Николов од Зенит.

Ардита Абази Имери посочи дека е клучно Македонија да ги одржи и продлабочи нивото на реформи, што е и потенцирано во извештајот. „Извештајот на Европската комисија ни носи позитивна перспектива, но потребно е да постои реална награда. Препораката ја враќа ефективноста на политиката на условеност и дава поттик на Македонија за да ги спроведе реформите“.  

Слаѓана Тасева истакна дека позитивната работа околу препораката од ЕК е дека ќе постои поголема вклученост и надзор од страна на ЕУ, особено во евентуалниот процес на преговори. „Но, состојбата во поглед на корупцијата во моментов е многу лоша. Потребни е да се преземат одлучни чекори во сузбивање на корупцијата.“, додаде Тасева.

Постои Стратегија за реформа во правосудниот сектор е добро, но имплементацијата е далеку од завршена, потенцира Натали Петровска. „Евроспката комисија ни дава поддршка за насоката и волјата за реформи, но вистинската имплементација на реформите допрва доаѓа. Постојат промени во начинот на кој судиите судат во случаите на СЈО, но тоа е повеќе на политички прагматизам, отколку на некакви промени во секторот.“

Дека вистинската имплементација на Стратегијата допрва доаѓа се сложува и Мирослав Драганов, кој потенцираше дека според акцискиот план, носењето на законите е предвидено до септември, што значи дека тие ќе се гласаат преку летото. „Но некои правни решенија ќе стапат на сила од 2020. Што значи дека, доколку се зголемат критериумите за избор на судии, во меѓувреме, судии ќе се избираат по пониските критериуми. Ова ќе влијае врз ефективноста на реформите, бидејќи тие судии веќе ќе бидат избрани.“ додаде Драганов.

Во дискусијата беа истакнати и определени проблеми со реформите на следењето на комуникациите. Според Александар Николов, Европската комисија ги поддржува реформите во оваа област, со предлагањето на Оперативно-техничката агенција како решение. „Сепак, во Извештајот не се истакнува дека со ова решение не се отстранува целосно пристапот до комуникациите на МВР/УБК, како и тоа дека ќе продолжат да се собираат метаподатоци. Проблематичен е и надзорот врз следењето на комуникациите, бидејќи пратениците немаат соодветни познавања за опремата и постапките, за да можат ефективно да го извршат надзорот.“ кажа Николовски.

Во дискусијата учествуваа претставници од тинк-тенкови, граѓански организации, како и од Министерството за правда. 

Проектот Мрежа 23 е имплементиран од Институтот за европска политика, во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права во РМ. Проектот е финансиран од Европската Унија. 
 

Галерија