Поглавје 23: Пандорина кутија или клуч за добро владеење? [Конференција]

Категории

Поглавје 23: Пандорина кутија или клуч за добро владеење? [Конференција]

Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ) и Хелсиншкиот комитет за човекови права во Република Македонија на 5 јуни 2018 година, вторник, ќе ја одржат завршната конференција од проектот „Мрежа 23+“, финансиран од Европската Унија и ко-финансиран од амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Конференцијата ќе се одржи под насловот „Поглавје 23: Пандорина кутија или клуч за добро владеење?“, а ќе имате прилика да следите пренос во живо на Фејсбук страната на ЕПИ, како и на Твитер под хаштагот #mreza23.

Поглавјето 23, кое ги опфаќа правосудството, борбата против корупцијата и темелните права на граѓаните претставува првото поглавје кое се отвора во преговорите со Европската Унија, заедно со Поглавјето 24. Со ова, Унијата ја истакнува важноста на принципот на владеење на правото, како една од своите најзначајни вредности.

Целта на проектот „Мрежа 23+“ е да придонесе кон вградување на принципите на владеењето на правото во Република Македонија, низ призмата на Поглавјето 23 од пристапувањето кон ЕУ – правосудство, темелни права и борба против корупција, преку структуиран придонес од членките на Мрежа 23. Во рамките на проектот, кој се спроведуваше од јануари 2016 година, беа поддржани 9 мали проекти на граѓански организации, кои спроведуваа истражувања поврзани со политиките во овие области. Одржани се над 35 настани, на кои учество земаа повеќе од 1000 учесници, вклучително институции, експерти, граѓански организации и општата јавност. Проектот Мрежа 23+ е истакнат како особено значаен во Среднорочната евалуација на програмата за граѓанско општество за Западен Балкан и Турција, издадена од Европската комисија во 2017 година, поради својата улога во подобрување на владеењето на правото во Македонија.

Имајќи го ова предвид, целта на оваа конференција е да се презентира досегашната работа на проектот Мрежа 23+, но и да поттикне отворена дебата за состојбите во овие области. На заедничка маса ќе разговараат претставници на институциите, граѓански организации и експерти за најпроблематичните области, но и клучните активности кои треба да се преземат во наредниот период во областите од Поглавјето 23. Оваа конференција се случува во пресрет на одлуката на Советот на ЕУ, за евентуално отпочнување на преговори со Европската Унија.

Агендата на конференцијата е во прилог.

--

Проектот Мрежа 23+ е финансиран од Европската Унија, а ко-финансиран од амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Настанот е поддржан од Општина Центар. Проектот е имплементиран од Институтот за европска политика и Хелсиншкиот комитет за човекови права во РМ.

Документи за преземање

 Дневен ред за финална конференција на Мрежа 23+ „Поглавје 23: Пандорина кутија или клуч за добро владеење?“