Коментар на Мрежа 23 на предлог-моделот за вклучување на ГО во преговорите со ЕУ

Категории

Коментар на Мрежа 23 на предлог-моделот за вклучување на ГО во преговорите со ЕУ

Мрежа 23 достави коментари на предлог-моделот за вклучување на граѓанските организации во пристапните преговори за членство во ЕУ.

Тековниот модел на учество на граѓанските организации во пристапните преговори за членство во Европската Унија се предлага без да биде познат концептот за институционалната структура на преговорите, како и целосната национална постапка за преговорите. Таквиот пристап оневозможува да се согледа и осмисли улогата на граѓанскиот сектор во целиот процес, поради што постои голем ризик да се занемарат многу аспекти на преговорите.

Поради тоа, цениме дека Владата, во соработка со граѓанскиот сектор, треба да предложи поширока платформа за учество на граѓанскиот сектор во преговорите, во сите негови фази.  Притоа, одговорноста за учеството треба во поголема мерка да се пренесе на самите граѓански организации, кои треба да овозможат широка дебата, како и артикулација на евентуалните различни интереси, мислења и придонеси во преговарачкиит процес. Tреба да се има предвид дека веќе се формирани повеќе мрежи на граѓански организации за одредени поглавја или прашања од преговорите, кои веќе имаат широко искуство и практика, кое може да биде значаен придонес во преговарачкиот процес.

Предуслов за повисоко ниво на вклученост на граѓанскиот сектор е обезбедување на транспарентност на процесот, секако со разбирливи, но предвидливи ограничувања во одредени негови фази. Досегашното искуство, наспроти јавно изразената волја за соработка и отвореност, покажува нетранспарентност, иако веќе е спроведен објаснувачкиот скрининг за неколку поглавја, меѓу кои и поглавјето 23. Поради тоа, ја потенцираме потребата од навремена информираност, суштинска транспарентност и образложенија од институциите, особено во случаи на неприфаќање на аргументацијата дадена од граѓанските организации. Граѓанските организации – членки на работните групи, не само што треба да имаат навремен и сеопфатен пристап до информации и документи, туку треба и да им биде овозможено присуство на сите средби и состаноци, вклучително и на состаноците надвор од државата, за да бидат детално запознаени со процесот и да можат да дадат вистински придонес, а не да бидат консултирани на ад-хок основа, без доволно обезбедени информации и увид во процесот.

Затоа сметаме дека во оваа фаза треба да се дискутира за повеќе опции за учество на граѓанскиот сектор во преговорите, како алтернатива на постојниот предлог за вклученост на граѓанскиот сектор само преку претставници во работните групи за преговорите, чии надлежности сè уште не се познати.

Целосниот текст и конкретните коментари се наоѓаат во документот подолу.

Потписници на документот се членките на Мрежата 23:
  • Асоцијација Зенит;
  • Здружение на финансиските работници на локалната самоуправа и јавните претпријатија, Велес.
  • Институт за европска политика - Скопје;
  • Институт за човекови права;
  • Коалиција Сите за правично судење;
  • Македонско здружение на млади правници;
  • Мултикултура, Тетово;
  • НВО KXAM Делчево;
  • Плоштад Слобода;
  • Совет за превентива против малолетничка деликвенција (СППМД), Kaвадарци;

 

Документи за преземање

 Коментари на Мрежата 23 на предлог-моделот за вклучување на ГО во преговорите со ЕУ