Информативна сесија за заинтересирани организации за учество во грантовата шема во рамки на проектот „Мрежа 23+“

Категории

Информативна сесија за заинтересирани организации за учество во грантовата шема во рамки на проектот „Мрежа 23+“

 Информативна сесија за заинтересирани организации за учество во грантовата шема во рамки на проектот „Мрежа 23+“

На  4 април 2016 година, во просториите на Институтот за европска политика се одржа информативна сесија за запознавање на заинтересираните граѓански организации со целите на проектот „Мрежа 23+“ и условите за учество во грантовата шема што е овозможена преку овој проект.

Информативната сесија ја водеа координаторите на проектот „Мрежа 23+“:
Александар Јованоски, проектен координатор, Институт за европска политика (ЕПИ) – Скопје и Неда Чаловска, мониторинг координаторка, Хелсиншки комитет за човекови права на РМ (МХК).

Пред присутните претставници на граѓански организации беше претставен проектот „Мрежа 23+“, како и целосната процедура за учество и пријавување на граѓанските организации во грантовата шема. Документите кои беа презентирани пред граѓанските организации се достапни на: https://www.dropbox.com/sh/zqjgwb9osd5niz6/AADMhzjtJyhYNT5RiRHH4TDja?dl=0

При презентацијата, координаторите се задржаа на следново:  

БУЏЕТ: Грантовата шема има вкупен фонд од 4.786.744 денари, додека пак максималниот износ по поединечен грант е 614.000 денари. Повикот е отворен за граѓански организации активни на локално и национално ниво, при што во грантовата шема ќе бидат вклучени најмалку 8 граѓански организации. Предлог-проектите треба да бидат во времетраење од 15 месеци, додека пак документите за јавна политика треба да бидат изготвени 12-тиот месец од спроведување на проектот. Последните 3 месеци се предвидени за подготовка на крајните извештаи и средување на административната и финансиската документација. Организациите со кои ќе биде склучен договор можат да спроведат постапка за ослободување од ДДВ по основ на странска донација во Секретаријатот за европски прашања, во соработка со спроведувачот. На повикот не можат да учествуваат организации кои се корисници на грант (beneficiary), од Делегацијата на Европската Унија, ниту како координатор, ниту како партнер, во рамките на Програмата на ИПА за поддршка на граѓанското општество и медиумите за 2014 година (IPA CSF Civil Society and Media Programme 2014) - повик EuropeAid/136-992/DD/ACT/MK.

Ставките во буџетот мора да се поставени во функција на реализација на предвидените активности. Се препорачува средствата да бидат искористени во корист на квалитетот на истражувањата. Активностите треба да бидат усогласени со методолошкиот пристап. На пример, организирање на тркалезна маса со цел дискутирање на првичните наоди и интегрирање на заклучоците во ззавршната верзија. Промотивните настани да бидат организирани со користење на просториите за кои не треба да се плати одреден надомест. Образецот за предлог-буџет ги содржи ставките кои можат да бидат финансирани во рамките на грантовата шема (eligible costs).

СОДРЖИНА НА ПРОЕКТНИТЕ АПЛИКАЦИИ: Се поттикнува анализа базирана на докази и податоци добиени од терен; студија на случај; интервјуа со засегнати страни (институции, претставници од локални граѓански организации), фокус групи и анкети на граѓани и мерење на нивните перцепции, ставови и слично. Предлог-проектите може да се однесуваат на структурирано следење на функционирањето на независните тела кои дејствуваат во областите на правосудството, борбата против корупцијата и темелните права, како и судовите и другите правосудни институции.
 
Воедно, проектите може да предвидуваат и структурирано набљудување на судски постапки. Конечните резултати од спроведениот проект треба да бидат презентирани и објавени во форма на документи за јавна политика, а ќе бидат поставени и на базата на податоци МЕРЦ (Македонија – ЕУ Ресурсен центар за Поглавје 23).
 
ЗАДОЛЖИТЕЛНО УЧЕСТВО НА ШЕСТ РАБОТИЛНИЦИ ЗА ИЗБРАНИТЕ ГРАНТИСТИ И МЕНТОРСТВО: Предвидени се шест работилници за јакнење на капацитетите на граѓанските организации за содржината на одделните области од Поглавјето 23, подготовка на документи за јавна политика и комуникациски вештини. Во рамките на проектот ќе биде организирана и регионална работилница за размена на искуства и вградување на најдобрите ЕУ практики. Учеството на работилниците е од задолжителен карактер. Неисполнувањето на оваа обврска може да повлече раскинување на договорот за грант. Воедно, ЕПИ и МХК ќе обезбедат менторство на избраните организации. Партнерските организации ќе одредат ментори за секој проект што ќе го следи спроведувањето на проектите. Предвидено е и одржување на менторски сесии и мониторинг посети. Избраните организации ќе добијат насоки за спроведување на проектите и насоки за обезбедување видливост на активностите.

СПРОВЕДУВАЊЕ НА ГРАНТОВИТЕ: ЕПИ и грантистите ќе потпишат договор со кој се дефинираат меѓусебните права и обврски, како и начинот на спроведување и исплата на добиениот грант. Во текот на спроведувањето на проектот, избраните граѓански организации се обврзуваат до ЕПИ да доставуваат квартални наративни и финансиски извештаи на секои три месеци од спроведувањето на грантовата шема, најдоцна петтиот ден од наредниот месец. По завршувањето на проектите, во рок од 30 дена грантистите ќе достават и конечни наративни и финансиски извештаи. За таа цел, на грантистите ќе им бидат доставени упатства и обрасци за подготовка на наративните и финансиските извештаи. Исплатата на грантовите ќе се врши на следниов начин: прва рата – 50% од целосниот грант 15 дена по потпишувањето на договорите; втора рата – 30% по одобрување на третиот квартален наративен и финансиски извештај; трета рата – 20% по одобрување на конечниот наративен и финансиски извештај. При исплатата на ратите од грантовите ќе се земе предвид и динамиката на спроведувањето на проектните активности и буџетот.

ТЕХНИЧКИ ИНФОРМАЦИИ: Апликантите треба да достават:
− пополнет Oбразец за пријавување (Прилог 1);
− пополнет Предлог- буџет во ексел формат (Прилог 2);
− тековна состојба од Централен регистар на Република Македонија, не постара од шест месеци;
− резиме на членовите на тимот.
Објаснувањата за пополнување на Образецот за пријавување и на Предлог–буџетот се дадени во самите обрасци.
Апликациониот пакет се доставува само по електронски пат на адресата: network23@epi.org.mk.
Рокот за доставување е 20.04.2016 година.
Проектниот тим со електронска порака ќе го потврди приемот на апликацијата.
По претставувањето на Упатството за учество на граѓански организации во грантовата шема во рамки на проектот Мрежа 23+“, проектниот тим и присутните граѓански организации дискутираа за следново:

ПРАШАЊЕ: Дали е можно на Повикот да се јават граѓански иницијативи кои не се регистрирани како граѓански организации?
ОДГОВОР: На Повикот можат да се јават само граѓански организации кои се регистрирани во Република Македонија како здруженија или форми на нивно здружување согласно Законот за здруженија и фондации. Не е исклучена соработка на граѓанската организација - носител на проектот со граѓанска иницијатива. Сепак, тимот што ќе го спредоведува проектот треба да биде составен од лицата што се активни во организацијата.

ПРАШАЊЕ: Дали е можно на Повикот да се јават граѓански организации кои немаат канцеларија како официјално седиште?
ОДГОВОР: Немањето канцеларија како официјално седиште на организацијата не е исклучувачки фактор, организацискиот капацитет не подразбира отворена канцеларија. 

ПРАШАЊЕ: Кои методолошки алатки треба да се применат, дали податоците треба да бидат стриктно од теренско истражување?
ОДГОВОР: Пристапот на предлог-проектите треба да биде таков што јавните политики ќе се симнат и испитуваат на терен. Не треба само сувопарни податоци, потребно е користење на соодветни методолошки алатки во таа насока: фокус групи, интервјуа, мониторинг алатки и слично. Но при тоа, не е исклучено користењето на информации од официјалните институции како појдовна точка и метод за референцирање на наодите.

ПРАШАЊЕ: Дали е потребно испитување на јавното мислење во контект на добивање податоци од терен?
ОДГОВОР: Испитувањето на јавното мислење односно перцепцијата на одредени категории/групи на граѓани може да се користи како методолошка алатка, но во согласност со можностите и средствата. Се препорачува да биде фокусирано на одреден проблем.

ПРАШАЊЕ: Дали човечките ресурси треба да бидат буџетирани во текот на 15 месеци, вклучително последните 3 месеци предвидени за подготовка на извештаи?
ОДГОВОР: Не постојат ограничувања во однос на ова прашање. Оставено е на организациите да ги алоцираат средствата за човечки ресурси. Можни се повеќе комбинации: буџетирање на истите ставки од човечки ресурси во текот на 15 месеци; буџетирање на истите ставки од човечки ресурси во текот на 12 месеци; буџетирање на одредени ставки од човечки ресурси за одреден период, или буџетирање на одредени ставки од човечки ресурси во текот на 12 месеци, па буџетирање на други ставки од човечки ресурси потребни за подготовка на извештаите за последните 3 месеци или помалку. Доколку се употреби последната варијатна, потребно е и нивниот ангажман да биде оправдан со документацијата во прилог на извештајот. Битно е ангажманот на лицата вклучени во спроведување на проектот да биде реално прикажан.
 
ПРАШАЊЕ: Како се одредува хонорарот за ангажирање експерти и дали тие треба да бидат национални или меѓународни експерти?
ОДГОВОР: Предвидено е ангажирање на национални експерти, а надоместот за нивниот ангажман се одредува согласно правилата на ЕУ, зависно и од обемот на активности и биографијата на ангажираниот експерт.

ПРАШАЊЕ: Дали ограничувањето дека на Повикот не можат да се јават корисници на ИПА грант се однесува само за Програмата за 2014 година или и за други програми?
ОДГОВОР: Рестрикцијата се однесува само на организации организации кои се корисници на грант (beneficiary), од Делегацијата на Европската Унија во рамките на Програмата на ИПА за поддршка на граѓанското општество и медиумите за 2014 година, не и за другите програми.

ПРАШАЊЕ: Дали се поттикнува спроведување проекти на локално ниво и како се одредува соодветното подрачје, дали според територијалната поделба на Република Македонија?
ОДГОВОР: Сосема легитимно е пријавување на проекти што се спроведуваат на локално/регионално ниво. При тоа, подрачјата не се определуваат според територијалната поделба на РМ. Се земаат предвид други аспекти, на пример апелациони подрачја доколку станува збор за проекти што се однесуваат на Правосудство.

ПРАШАЊЕ: Дали организацијата што е носител на предлог-проектот е задолжена за логистичките аспекти, на пример организирањето на фокус групи?
ОДГОВОР: Да, организацијата што го спроведува проектот е задолжена и за логистичките аспекти. Но партнерските организации ЕПИ и МХК ќе обезбедат менторство во текот на целиот процес и поддршка за спроведување на активностите, Конкретно, можна е помош во делот на обезбедување на учесници, говорници и слично.

ПРАШАЊЕ: Дали темите наведени во Повикот се исцрпни или можно е поднесување на предло-проект надвор од нив? На пример, дали заштитата на правата на детето може да биде обработена?
ОДГОВОР: Темите наведени во Повикот не се исцрпни, туку се индикативни. Можно е поднесување на предлог-проект и надвор од понудените теми, но во рамките на опсегот на Поглавјето 23. Конкретно, правата на детето спаѓаат во опсегот на Поглавјето 23, во делот на Темелни права.

ПРАШАЊЕ: Дали темите наведени во Повикот треба да се обработат како такви или поконкретни аспекти?
ОДГОВОР: Секоја од темите има широк обем и потребно е концентирање на одреден проблем, а не на целата тема како таква. На пример, категоријата мерки против дискриминација што е наведена како тема треба да се обработува на ниво на одреден аспект, дискриминација насочена кон одредена категорија граѓани.

ПРАШАЊЕ: Дали е можен cross-cutting issue пристап, односно обработка на повеќе теми во рамките на еден проблем?
ОДГОВОР: Да, таквиот пристап секако е можен.

ПРАШАЊЕ: Што би се случило доколку останат неискористени средства од предвидениот буџет?
ОДГОВОР: Неискористените средства може да се пренаменат. Доколку не се пренаменат, се одбиваат од последната рата.

ПРАШАЊЕ: Дали доколку проектот не е регистриран во ЦДАД базата и ослободен од ДДВ по основ на странска помош, партнерските организации можат да ги сносат трошоците за ДДВ?
ОДГОВОР: Не, партнерските организации не можат да сносат трошоци за ДДВ од проектите во рамки на грантовата шема. Потребно е тие трошоци да се исплатат од средствата од грантот.

ПРАШАЊЕ: Како треба да биде дизајниран буџетот на проектот  во однос на трошоците за човечки ресурси, канцелариски трошоци и трошоци за самите активности?
ОДГОВОР: Идеалниот сооднос на наведение трошоци би бил 30% човечки ресурси, 10% канцелариски трошоци и 60% трошоци за спроведување на самите активности. Но ова е индикативно наведено. Сепак, треба да преовладуваат трошоци за спроведување на активностите директно поврзани со истражувањето.

ПРАШАЊЕ: Дали една организација може да аплицира со два или повеќе проекти?
ОДГОВОР: И во овој контекст се применуваат правилата на ЕУ, односно една организација може да аплицира само со еден проект. Идејата на грантовата шема е да вклучи што поголем број на граѓански организации, затоа се препорачува да се пријавуваат граѓанските организации за само една проектна идеја. Но не се органичува нивното учество како партнери во други понудени проекти.