Објавен Извештајот во сенка за Поглавјето 23 за периодот јули 2015-април 2016 година

Категории

Објавен Извештајот во сенка за Поглавјето 23 за периодот јули 2015-април 2016 година

Прес-конференцијата за презентација на Извештајот во сенка за Поглавјето 23, подготвен во рамките на проектот „Мрежа 23+“, беше одржана на 16 јуни 2016 година во хотелот „Холидеј Инн“. Овој извештај претставува сублимат на заклучоци и препораки врз основа на следењето на областите структурирани во Поглавјето 23 – судство и темелни права, односно придонес на граѓанските организации во областите каде што е клучно да се почне со спроведувањето на реформите и треба да послужи како насочувач во редефинирање не само на принципите во функционирањето на правосудството и државните институции туку и во редефинирање на вредносните критериуми што треба да претставуваат појдовна точка во тој процес.

Извештајот беше подготвен во услови на длабока политичка криза како резултат на неуспешното имплементирање на Договорот од Пржино и неспроведувањето на главните негови точки поврзани со реформските приоритети што беа зацртани врз основа на Извештајот на Прибе. 

Она што главно провејува како заклучок за следените области е сè уште присутната и во последниот период засилена контрола врз правосудството и државните институции со цел да се попречи утврдувањето на состојбите, да се даде соодветна заштита и да се спроведат законски постапки што би довеле до правичен исход, а со тоа и чекор напред во спроведувањето на реформите и системот на заштита на човековите права во земјата. Сите овие фактори само ја потврдуваат констатацијата дека сè уште постои неодвоеност на државата од партијата, што беше една од констатациите во Извештајот на Прибе.

Галерија