Соопштение по повод најавениот избор на нови 28 судии од страна на Судскиот совет на Република Македонија

Категории

Соопштение по повод најавениот избор на нови 28 судии од страна на Судскиот совет на Република Македонија

 
С О О П Ш Т Е Н И Е
по повод најавениот избор на нови 28 судии од страна на
Судскиот совет на Република Македонија
 
По повод најaвенитe одлуки за избор од страна на Судскиот совет на Република Македонија[1] на 28 судии[2], Мрежа 23 напоменува дека oва е трет пат Судскиот совет на Република Македонија да избира претседатели на судови и судии непосредно пред предвидените предвремени избори. Потсетуваме дека Судскиот совет на Република Македонија во претходниот период избра осум претседатели на судови и објави оглас за избор на десет судии[3] на 23.02.2016 година и седум судии[4] на 06.04.2016 година, во двата случаи на само еден ден пред планираното и продолженото распуштање на Собранието.  
Со ваквата практика продолжува неспроведување на реформските приоритети што се однесуваат на деполитизација на назначувањето и унапредувањето судии, оценувањето, дисциплинските постапки и разрешувањето. Судскиот совет продолжува да избира претседатели на судови и судии, без какви било претходни промени во системот на избор.
Не ја спориме потребата од судии во определени судови. Сепак, во отсуство на објавен План за спроведување на Итните реформски приоритети на Европската комисија, предлагаме одложување на понатамошен избор на судии, сѐ до исполнувањето на следниве итни реформски приоритети во областа на правосудството:
  • Да се деполитизира назначувањето и унапредувањето на судии и обвинители, во практиката, а не само теоретски, врз основа на транспарентни и објективни критериуми, засновани строго на заслуга, применети во транспарентна и отворена постапка.
  • Да се воспостави усогласен систем за оценка на резултатите заснован на квалитативни, покрај квантитативните стандарди, како основа за сите одлуки за кариера.
  • Да се обезбеди професионалност на Судскиот совет, во практиката, а не само теоретски (т.е. јасно и предвидливо тестирање за примена на законската одредба за “истакнат правник”).
Исполнувањето на овие реформски приоритети треба да биде востановено во дијалог меѓу независните тела, судиите, претставниците на власта, стручната јавност и граѓанскиот сектор. Го повикуваме Судскиот совет на Република Македонија да ја остварува својата надлежност независно, согласност Уставот и законите и да ја има предвид препораката за проактивно однесување на независните тела.
 
[1] Соопштение на Судскиот совет од 31.08.2016 за одржување на 232-рата седница на ден 05.09.2016 година
[2]   Tројца судии во Основниот суд Скопје 2 Скопје; двајца судии во Основниот суд Скопје 1 Скопје; еден судија во Основниот суд Велес;  еден судија во Основниот суд Струмица; шест судии во Апелациониот суд Скопје; тројца судии во Апелациониот суд; тројца судии во Апелациониот суд Гостивар по одлуки; двајца судии во Апелациониот суд; еден судија во Управниот суд; двајца судии во Вишиот управен суд и четири судии во Врховниот суд на Република Македонија;
[3] 3 судии во Врховниот Суд на РМ, 1 судија во Апелационен Суд Штип, 2 судии во Основен суд Скопје 1, 2 судии во Основен суд Скопје 2, 1 судија во Основен суд Велес и 1 судија во Основен суд Струмица (Сл. Весник бр. 33 од 23.02.2016)
[4] 1 судија во Врховен суд на РМ, 2 судии во Апелационен суд Скопје, 2 судии во Апелационен суд Битола и 2 судии во Апелационен суд Гостивар (Сл. Весник бр. 67 од 06.04.2016)